Програмата на училиштето опфаќа различни воннаставни активности на учениците за задоволување на индивидуалните интереси и за развививање на способностите на учениците за заедничка работа која придонесува за зајакнување на меѓусебната доверба и толеранција низ дружењето во слободното време. Во основните училишта слободните ученички активности најчесто се организираат во областа на науката, техниката, уметноста, спортот, самозаштитата, унапредувањето на здравјето или со учество на учениците во културно-уметнички и општествено – хуманитарни активности (учество во училишен хор, оркестар, драмска, рецитаторска секција, дебатен клуб и сл.). На тој начин во училиштето се создаваат можности учениците кои имаат интерес за одредени области и предмети, без оглед на успехот во редовната настава, да се вклучат и да се потврдуваат со своите постигања.
Личниот интерес на ученикот има примарно значење во изборот на воннаставните активности.
Училиштето има надлежност и води постојана грижа за просторините, кадровските и материјално – техничките услови за збогатување и осмислување на целите и содржините во слободните ученички активности. Можноста за поврзувањето на содржините во слободните ученички активности зависи од интересот на учениците, но сепак, без оглед на корелацијата со наставата, со слободните ученички активности се збогатува воспитно образовната работа на училиштето со што станува попривлечно за учениците.
Со планирањето и реализацијата на слободните ученички активности се воспоставува современ пристап што овозможува активно учество на учениците на повеќе нивоа: од изборот и селекција на темите, преку изведување на активностите, па сѐ до презентација на резултите и нивна примена во училиштето, средината и секојдневниот живот.
Секој ученик учествува во една слободна ученичка активност по свој избор, а училиштето ги сумира интересите преку спроведување на анкетен прашалник на почетокот на учебната година. Учениците кои учествуваат во училишниот хор или оркестар можат да се ангажираат најмногу до три часа неделно. Одделни секции или групи што се организираат можат да се обединуваат според содржината или карактерот на активностите во поголеми ученички асоцијации, како на пример, во училиштето може да се формираат училишни клубови, друштва и сл. Постојат можности за поврзување на слободните активности на учениците и на ниво на општина, со соодветни организации и заедници (Црвен крст, Народна техника, Детска организација, еколошки друштва, планинарски друштва и сл.).
Слободните ученички активности подетално се планираат со Годишната програма на училиштето.
Ученичките екскурзии и излети, како дел од воннаставните активности, се организираат за проширување и продлабочување на знаењата на учениците од одделни воспитно образовни подрачја и наставни предмети, како и заради спортување, рекреација и други видови на педагошко организирање на слободното време на учениците.
Целта на наставните екскурзии и излети е проширување на ученичките знаења и умеења од природните, општествените и другите наставно научни дисциплини како и развивање на љубов и почит кон татковината, запознавање на духовните и материјалните богатства.
Наставните екскурзии и излети се изведуваат во задолжителни наставни денови што треба да ги исполни училиштето во текот на учебната година.
На ниво на училиште секоја учебна година се организираат наставно-научни екскурзии во III, VI и завршното одделение според „Правилникот за начинот на изведување на ученичките екскурзии и другите слободни активности на учениците од основните училишта“ и излети.
Сите програми се изработени врз основа на член 34 став 4 од Законот за основно образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/08, 33/10 и 116/10, 156/10, 18/11, 51/11), и Правилник за изменување и допонување на Правилникот за начинот на изведување на ученичките екскурзии и другите слободни активности на учениците од основните училишта.